20/08/2026
„Вкуси го Охрид“: Слоу Фуд Охрид и Слоу Фуд Македонија покажаа дека најубавите стории не се секогаш оние што ги пишуваат туристичките водичи
Долна Порта во Охрид изминатиот викенд мирисаше на домашни производи, вино и лето. Се слушаше музика, се наздравуваше, се дегустираше, а посетителите – охриѓани, домашни гости и туристи од разни краишта на светот – уживаа во ова „патување“ полно со гастрономски изненадувања.
Петтото издание на „Вкуси го Охрид – локално: Охридска медовина“ полека, ама сигурно, прераснува во еден од оние охридски летни настани што не се само дел од програмата, туку стануваат дел од доживувањето на градот. Од оние вечери што, таман кога ќе си речеш дека Охрид веќе си го видел во сите изданија, ќе ти покажат уште едно – миризливо, вкусно и наше.
Сè беше внимателно и со многу стил осмислено до најситен детаљ. На влезот, на „Портата на вкусовите“, две охриѓанки ги пречекуваа гостите со домашен леб и медовина за добредојде. Тука, всушност, започнува овогодишната приказна.
Медовината е вкус што патувал низ вековите – од медот собран од пчелите, преку водата и природниот процес на ферментација, до напиток со препознатлива сладост и карактер. Некогаш, кога немало ниту модерни винарии ниту разновидни пијалаци по полиците, медот и неговата природна ферментација биле доволни за да се создаде нешто што ќе се памети.
Во охридската традиција медот имал посебно место во свадбените обичаи. Неговата сладост била симбол за она што младите требало да го очекуваат во заедничкиот живот – љубов, среќа, плодност и многу убави денови.
Медовината затоа не била обична здравица. Таа се поврзувала со младенците и со првите мигови од нивниот брачен живот – како желба и нивниот заеднички пат да биде сладок како мед.
И можеби токму затоа секоја чаша медовина имаше нешто повеќе од вкус.
„На овој настан бевме минатата година и многу се израдувавме кога видовме дека повторно се одржува. Сакаме да вкусиме нешто ново – луто слатко од цреши, да си купиме од пробаното – зимница, сирење и кашкавал, и да ја почувствуваме атмосферата. Ова е Охрид каков што сакаме да го запомниме – локален, гостопримлив и со вкусови што не можеш да ги најдеш на друго место“, раскажаа туристите од Земун, Србија, кои вторпат го посетуваат „Вкуси го Охрид – локално“.
За оние што првпат го посетија настанот и се запознаа со филозофијата на Слоу Фуд, изненадувањето беше уште поголемо.
„Во Охрид доаѓаме често, ама првпат сме на овој Слоу Фуд настан“, вели брачна двојка од Утрехт, Холандија. „Пробавме медовина, купивме превкусни сирења и најубав маџун, а на истата тезга ни подарија штотуку набрано грозје. Тука, во Македонија, сè има поинаков вкус кога ќе ти го понуди човекот што самиот го направил. Се одушевивме од лутиот ајвар, пробавме ѓомлезе и многу симпатични овошни џемови и слатка. Ова е вистинска гастрономска дестинација“, кажаа туристите, наздравувајќи со македонските вина, од кои исто така беа воодушевени.
На тезгите, како на празник на локалниот вкус, имаше од сè: сирења и кашкавали, ајвар и лутенка, слатко од сливи, цреши и кајсии, мед, производи од тартуфи и афион, вина, маџун, ѓомлезе и домашен леб. Имаше и козметика од пчелини производи, ракотворби, рачно изработени кукли, сапуни и оригинални дамски ретро плетени чанти – предмети и вкусови во кои се чувствуваат човечката рака, трпението и љубовта.
Зад секоја тезга стоеше човек. Производителите раскажуваа како настанал нивниот производ, како се „лови“ тартуф, како се добива медот, се суши овошјето и се прави маџунот – како се создава нешто што можеби изгледа едноставно, но зад себе има многу работа, знаење и посветеност.
Токму тоа е суштината на „Вкуси го Охрид – локално“. Не само да вкусиш, туку да дознаеш кој го направил тоа што го пробуваш. Да ја запознаеш „приказната зад залчето“, раката зад ракотворбата и посветеноста зад вкусот. Да застанеш, да прашаш и да пробаш. Да купиш нешто „за дома“, но со него да понесеш и едно мало парче од местото.
Долна Порта беше празник за очите и душата – со внимателно наредена сценографија и вистинска мала гастрономска сцена.
Охридската августовска ноќ, музиката, разговорите, ведрите лица и полните чаши создадоа атмосфера во која никој не брзаше.
Слоу Фуд Охрид и Слоу Фуд Македонија уште еднаш покажаа дека најубавите стории не се секогаш оние што ги пишуваат туристичките водичи. Понекогаш се сервираат на мала чинија, се точат во мала чаша, се пренесуваат од рака на рака и се раскажуваат со она наше, едноставно: „Ај, пробај“.
До следната приказна, до следната чаша и до следното „на здравје“ за она што е наше.
Настанот е поддржан од Општина Охрид, Слоу Фуд Македонија и Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.
ПРЕЗЕМЕНО ОД republika.mk .mk